Кој е Имамот Махди?
Реформатор на оваа ера
Зошто светот има потреба од реформатор?
Низ историјата, Бог го водел човештвото преку Неговите пратеници. Некои од нив донеле нови закони и учење, коишто им беа откриени од страна на Бога, додека други ги следеле претходнито учење и го обновиле, отстранувајќи ги погрешните толкувања и недоразбирања што се појавиле со текот на времето. Исламот декларира дека е последната и совршена религија за целото човештво, додека неговата книга Кур’анот е последната Божја книга. Но, тоа не значи дека и човештвото го достигнало степенот на совршенство, по што не би бил потребен реформатор. Како следбениците на претходните религии, исто така и следбениците на исламот претрпеа слизнување и отстапувања од божјата порака. Затоа, беше сосема разумно Аллах да испрати пратеник и во ова време, кој повторно ќе ги научи луѓето на вистинскитото учења на исламот.
Овој пратеник би бил лојален и покорен слуга на Пратеникот Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја). Неговата мисија би била да ги оживее учењата на исламот, а не да ги менува или дополнува.
Реформатор само за муслиманите?
Предупредувањата поврзани со доаѓањето на таков реформатор не се наоѓаат само во исламската литература, дури и другите религии имаат предвидувања за доаѓањето на таков реформатор во последните денови. Меѓутоа, доаѓањето на голем број реформатори во исто време би предизвикало голема конфузија. За да се постигне мир во светот, овие пророштва нужно мора да се однесуваат на доаѓањето на еден единствен реформатор, кој би го обединил целото човештво околу пораката за мир.
Поради тоа што учењата на исламот се вечни и во него се вклучени вистините на сите претходни религии, тогаш воспоставувањето на мирот ќе се реализира преку повторното раѓање на исламот. Значи, иако овој реформатор ќе биде оној што го очекуваат муслиманите, тој ќе биде реформатор и за другите Божји религии, чии следбеници исто така го чекаа неговото доаѓање.
Автентичноста на Имамот Махди (нека биде благословен со мирот Божји)
Повеќето од знаците предвидени за неговото доаѓање како што се доаѓањето на Деџала (лажниот месија), падот на муслиманите, доминацијата на христијанската религија, појавата на земјотреси, чад итн., веќе се исполнети. Семоќниот Бог го покажал и небесниот знак на неговата автентичност, знак кој го предвидел Пратеникот Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја). Тој кажал дека за неговиот Махди, сонцето и месечината ќе бидат затемнети во одредени денови во истиот месец, токму во месецот Рамазан. Овој небесен знак се исполни за време на животот на хазрети Имам Махди во Рамазан 1894 година. Покрај тоа, различни пророштва дадени од хазрети Имам Махди и Ветениот Месија (нека биде благословен со мирот Божји), во контекст на напредокот на Џемаатот, со божествена помош, се исполнети и продолжуваат да се исполнуваат до денес, давајќи јасен доказ за неговата автентичност.
Знаци на пристигнувањето на Ветениот Месија а.с.
Освен што прорекол поделба на муслиманите, Аллаховиот Пратеник с.а.в..с постојано предупредувал дека муслиманите ќе се соочат со Деџала (големиот измамник), кого го нарекол една од најголемите опасности на сите времиња. Ова се должи на фактот што тој ќе го освои светот и ќе ја отстрани вистинската вера од него. Хазрети Имам Махди а.с. ни даде вистински разбирања за пророштвото за Деџала, за неговото магаре и за другите знаци на доаѓањето на Имам Махди, од коишто повеќето се исполнети во наше време. Овие предупредувања, ако се проучат од гледна точка дадена од хазрети Имам Махди, која се заснова на стиховите на Кур’анот, хадисите на Пратеникот Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) и здравиот разум, произлегува дека Пратеникот Мухаммад с.а.в.с. не зборувал за натприродни појави во пророштвото за Деџала но со помош на перфектни метафори, уште од пред илјада и четиристотини години ги предвидува револуционерните случувања на нашето време, изумот на транспортните средства, модерните средства за комуникација, револуцијата на печатот и медиумите, големите достигнувања од областа на астрономијата, војните со огнено оружје и нуклеарни бомби итн.
Хазрети Мирза Гулам Ахмад а.с. (1835-1908), добивајќи божествено откровение, изјавил дека тој е Ветениот Реформатор кој треба да дојде во последните денови. Тој кажал дека неговото доаѓање ги исполнило предупредувањата поврзани со доаѓањето на Ветениот Месија и Имам Махди во исламската литература, дури со неговото доаѓање се потврдија и пророштвата кои ветуваат враќање на Иса, Кришна, Буда и другите пратеници на Аллах.
Изјави на Имамот Махди
Заколнувајќи се во името на Семоќниот Бог, тој изјави:
„Се колнам во Чесниот и Семоќен Бог, кој е непријател на лагата и кој го уништува лажливецот, дека сум од Него. Дојдов од Него во вистинско време. Воскреснав по Негова заповед. Он е со мене на секој чекор од патот. Он нема да дозволи јас или мојот Џемаат да бидеме уништени, додека не ја исполни целата своја мисија што ја презел.“ И кажа: „За Бог кој ме испрати, во чиешто име лажното претставување е дело на проклетите, дека ме испрати како Ветениот Месија.“
Неговиот живот
Ветениот Месија (нека биде благословен со мирот Божји) е роден во благородничко семејство во Кадијана, Индија. Уште од мали нозе се посветил на религијата. Се истакнал и по неговата чесност, сочувство и решителност. Со текот на времето, неговото знаење и разбирање за верата и нејзината примена во општеството се продлабочиле. Бидејќи бил муслиман, тој бил целосно убеден дека сите религии се вистинити според нивното потекло. Секогаш го штител достоинството и честа на сите религии и нивните пратеници. Неговата ревносна одбрана на религијата на крајот била благословена од Аллах и во 1882 година добил откровение дека е назначен од Аллах. Тој продолжил да биде благословен со Божјото откровение во текот на целиот свој живот, а во 1889 година, по Божја заповед, го основал Муслимански џемаат Ахмадија. Тој исто така тврдел дека е Ветениот Месија, духовен реформатор чиешто доаѓање го чекале следбениците од сите религии. Од своето основање, оваа заедница ја промовира мирољубивата порака на исламот низ целиот свет.
Неговите дела
Ветениот Месија (нека биде благословен со мирот Божји) бил истакнат писател кој напишал повеќе од осумдесет книги на различни религиозни теми. Со помош на логика и разум што го привлекуваат современиот ум, тој дал совршено објаснување на учењата на верата и духовните вистини, додека неговите списи за исламот и нивната релевантност со тековните потреби му имаат донесено универзално одобрување. Во неговите значајни дела се вклучени Филозофија на учењето на исламот, книга која се занимава со природните, моралните и духовните состојби на човекот и задгробниот живот, Месијата во Индија, одлична расправа која открива јасни докази за патувањето на Исус во Индија, историска врска која е потврдена од независни научници и преку последователни докази. Како искрен следбеник и лојален слуга на Пратеникот Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја), Ветениот Месија а.с. бил носител на пораката за мир. Тој имал за цел да ги обнови мирољубивите учења на исламот во сите аспекти на верата. На пример, тој нагласил дека исламот го отфрла насилството додека го охрабрува знаењето и повикува на самореформирање. Неговите дела ги поставиле темелите за воспоставување на светскиот мир додека неговиот живот сведочи за потребата од повторно раѓање на хуманиот дух кој извира од љубовта кон Аллах.
„Ќе ја носам твојата порака до крајот на земјата. Бог му го дал на Ветениот Месија (нека биде благословен со мирот Божји) ова Божјо ветување, за да обезбеди успех во неговата мисија. Ова ветување е исполнето на неколку начини. Оваа заедница сега е воспоставена на глобално ниво, а преку својот сателитски канал „MTA International“ ја емитува мирољубивата порака на исламот низ целиот свет. Таа го преведе Чесниот Кур’ан на 80 јазици во светот. Нивниот портал www.alislam.org ја промовира оваа порака на 32 главни јазици во светот, додека на македонски е достапна на www.ahmadiyya-islam.org/mk и на албански е достапна на www.alislam.al.
Во неговите многубројни пророштва, тој го предвидел и феноменалниот раст и ширење на неговата заедница. Од 1889 година до неговата смрт во 1908 година, десетици илјади луѓе ја прифатиле. Ова ветување продолжило да се исполнува под водство на неговите последователни халифи, преку поширок пристап и афирмација на различни народи. Денес под водство на петтиот халифа, оваа заедница навистина стана глобална заедница, со десетици милиони членови лоцирани во повеќе од двесте земји низ светот.
„Вие сте семе кое е засадено од Божјата рака на земјата. Бог вели дека ова семе ќе се зголеми, ќе процвета и од секоја страна ќе му пораснат гранки и ќе стане големо дрво.“
Иднината на Муслиманкси џемаат Ахмадија
За светлата иднина на Муслимански џемаатАхмадија, хазрети Ветениот Месија и Имам Махди (нека биде благословен со мирот Божји) рекол: „Возвишениот Господ повеќепати ми соопшти дека многу ќе ме воздигне, ќе ја всади љубовта кон мене во срцата на луѓето, ќе го рашири мојот Џемаат низ целиот свет. Тој ќе му даде надмоќ на мојот Џемаат над сите други џемаати и ќе ги натера членовите на мојот Џемаат да блеснат толку силно во знаење и познавање што ќе ги замолчат сите преку светлината на нивната вистинитост и преку нивните јасни аргументи и знаци. Секоја нација ќе пие вода од овој извор, а овој џемаат ќе се шири и брзо ќе се шири, додека не ја покрие целата Земја. …Бог се сврте кон мене и рече: „Ќе те благословам толку многу што дури и кралевите ќе бараат благослов од твојата облека.“
Во друга книга тој прокламира:
„Гледајте дека доаѓа време, дури е многу блиску, кога Бог ќе го направи овој џемаат многу истакнат во светот и овој џемаат ќе се прошири на исток и запад, на север и на југ, и ќе биде истиот Џемаат што ќе биде познат како ислам. Овие зборови не се од човекот, туку од Бога, за кого ништо не е невозможно.“
Семоќниот Бог многу ќе ги благослови и во однос на квалитетот и квантитетот оние кои ќе го прифатат овој џемаат со тоа што ќе склучат беј’ат (завет/заклетва) во рацете на Имамот Махди или неговиот халифа. Хазрети Имам Махди и Ветениот Месија а.с. рекол:
„Оваа група ќе биде чисто Негова група. Тој Самиот ќе ги зајакне членовите на оваа група преку Неговиот Дух; ќе ги исчисти од нивните гнасни животи и ќе им даде можност за чиста промена во нивните животи… Он многу ќе ја прошири оваа група, внесувајќи илјадници и илјадници искрени луѓе во неа. Он Самиот ќе ја напои и ќе ја зголеми толку многу што нивниот број и плодност ќе го воодушеват гледачот.“
„Слушајте луѓе! Ова е пророштвото на Оној кој ги создал земјата и небото. Он ќе го шири овој Негов џемаат во сите држави и ќе им даде победа на неговите членови преку докажување и аргументирање. Доаѓаат деновите, дури се блиску, кога во светот ќе остане само оваа религија, која ќе се памети со почит. Бог многу ќе ја благослови оваа религија и овој џемаат и ќе направи да пропадне секој што ќе се обиде да го уништи. Овој триумф ќе продолжи додека не дојде судниот ден.“
„Запомнете! Никој нема да слезе од небото. Сите наши противници кои се живи денес ќе умрат, но никој од нив нема да го види Иса, синот на Мерјем, како слегува од небото. Тогаш нивните потомци кои ќе останат, и тие ќе умрат, но никој од нив нема да го види Иса, синот на Мерјем, како слегува од небото. Тогаш ќе умрат и децата на нивните деца, но и тие нема да можат да го видат синот на Мерјем како слегува од небото. Тогаш Бог ќе всади страв во нивните срца и тие ќе бидат принудени да размислуваат: ‘Дури и деновите на доминацијата на крстот поминаа и светот целосно се промени, но синот на Мерјем не слезе од небото!’ Тогаш, мудрите луѓе ќе го напуштат ова верување. Нема да поминат ни три века од денес, кога оние кои во очај и тага го чекаат Иса, без разлика дали се муслимани или христијани, ќе се откажат од оваа лажна вера. Тогаш ќе остане само една религија и само еден водич во светот. Дојдов да посадам семе. Тоа е веќе засадено од мојата рака. Сега ќе расте, ќе процвета и никој не може да го спречи неговиот развој.“
Пронајдете ја вистината
На крајот ве оставаме под Божја заштита, со надеж дека ќе продолжите да одите до изворот додека не ја пронајдете вистината. Не верувајте во лагите, измислиците и предрасудите кои се шират против Муслимански џемаат Ахмадија, без самите да ги потврдите и проучите. Аллаховиот Пратеник с.а.в.с. кажал:
„Она што сте го слушнале не е исто како она што сте го виделе.“
Затоа, ве повикуваме со голема искреност и љубов, да се истражувате себеси без предрасуди, да ја барате вистината и да се молите колку што е можно Семоќниот Бог да ја поддржи Неговата религија и да ни овозможи сите да ја имаме! Амин!