Кој е Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја)?
Пратеникот Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) е основач на исламската религија, преку кого Бог ја споделил последната религија за целото човештво. Роден е во 571 година во благородничко семејство во Мека, Арабија, и бил потомок на пратеникот Ибрахим (нека биде благословен со мир Божји). Зборот „Мухаммад“ лексички значи „достоен за пофалба“.
Неговиот живот пред да стане Пратеник
Неколку месеци пред да дојде на овој свет, неговиот татко Абдуллах починал, додека неговата мајка Амина починала кога Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја), имал само шест години. Потоа бил згрижен од неговиот дедо Абдул Муталиб, но и тој починал само две години подоцна, а довербата му ја препуштил на својот внук Абу Талиб, вујкото на Мухаммад. И покрај овие страдања и таки, Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) израсна како чесна, благородна, искрена и мудра личност. Тој, исто така, му помагал на својот вујко во трговијата, понекогаш придружувајќи го на патувањата во други земји.
Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) водел обичен и едноставен живот и бил посебен во неговите алтруистички чувства. Поради ваквото благородно однесување, тој бил наречен со убави епитети како Ас-Садик (Вистинољубив) и Ал-Амин (Доверлив). Кога имал дваесет и пет години, Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) се оженил со угледната вдовица Хадиџа, која имала околу четириесет години. Таа била толку импресионирана од неговото благородно однесување што му го предала целото богатство и слугите. Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) ги ослободил сите слуги, додека поголемиот дел од богатството го разделил на сиромашни и бедни луѓе.
Откровение од Господ
Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) поминал многу време медитирајќи и размислувајќи за Аллах („Аллах“ е арапски збор за Бог). За оваа цел, тој често одел во пештерата наречена Хира, која се наоѓала на неколку километри од Мека. Кога имал четириесет години, во една визија му се јавил мелекот Џибраил, кој му го пренел првото откровение на Кур’анот со следните зборови:
„Читај во името на твојот Господар, кој те создаде. Тој го создаде човекот од леплива грутка крв. Читај! А Господарот твој е најблагороден, Кој поучи со перо, го поучи човекот со она што знаеше“. (Кур’ан 96:2-6)
Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) бил толку исплашен од оваа случка што набрзина се вратил дома и ѝ ја раскажал на својата сопруга Хадиџа, со која отишле кај нејзината братучетка Верека бин Неуфел, која живеела како христијанска монахиња. Откако го слушнала сето она што го доживеал Мухаммад, Верека рекла: „Убедена сум дека ангелот кој се спушти кај тебе е истиот кој претходно му се јави на Муса.“ Всушност, Верека мислела на пророштвото на Стариот завет што предвидувало доаѓање на голем пратеник:
„Ќе им подигнам пратеник градите на нивните браќа и ќе ги ставам моите зборови во неговата уста, и тој ќе им каже сè што ќе им заповедам“. (Книга Второзаконие (Петта книга Мојсеева 18:18)
На тој начин, овој настан го означува почетокот на мисијата на Мухаммад како Пратеник и Божји Веровесник. Горенаведените стихови се први од низата откровенија кои му биле дадени на Мухаммад во период од дваесет и три години. Овие откровенија се зачувани во Чесниот Кур’ан, кој и до ден денес е останат целосно ист и непроменет.
Војните и победите
Идолопоклониците од Мека не обрнувале внимание на пораката на Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) па дури и му се спротивставувале и го попречувале на секој можен начин. Пратеникот и неговите придружници биле жестоко прогонувани, но тие се задржале на својот пат со примерна цврстина и воздржаност и никогаш не возвратиле. Жителите на Мека вршеле секаков вид угнетување и притисок врз муслиманите, а особено врз оние слуги што ја прифаќале оваа религија. По тринаесет години прогон, Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) добил наредба од Бога да се пресели во Медина, град кој се наоѓа на приближно 340 километри северно од Мека. Меѓутоа, и таму жителите на Мека не го пуштиле да живее на мира.
Тие неколку пати ги нападнале муслиманите во Медина и воделе крвави војни, но претрпеле само порази. Пратеникот Мухаммад с.а.в.с. ги водел сите војни во самоодбрана и секогаш кога постигнувал победа против агресорите, се однесувал со простување и милосрдие.
Кога Пратеникот с.а.в.с. на крајот ја освоил Мека, тоа го направил мирно, без никакво крвопролевање. Покрај тоа, тој бил исклучително сочувствителен, милостив и љубезен кон своите противници.
Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) го поканил целиот свет во исламот, но во исто време на сите им обезбедил слобода да ја практикуваат својата религија.
Навистина животот на Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) е неверојатен и импресивен, но се чини дека во тие шеесет и три години се појавиле сите аспекти на човечкото искуство и чувства, од недостаток до изобилство, од неуспех до победа, од осамен глас за правда и мир до неподнослива моќ и од екстремен прогон до кралска власт.
Тој дошол на овој свет како дете сирак и пораснал во сочувствителен посвоен син. Тој бил чесен трговец, посветен сопруг, љубезен татко, грижлив сосед, извонреден врховен командант, праведен судија, угледен политичар, верен придружник и пред сè беше Божји пратеник и Веровесник посветен на Неговото Слово.
Пратеникот Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) починал во 632 година, оставајќи зад себе благородна и искрена заедница на верници кои и покрај големите тешкотии продолжиле да ја шират пораката на исламот во сите земји во светот. Денес во светот живеат повеќе од 1,9 милијарди муслимани.
Неговата мисија
Пратеникот Мухаммад с.а. в.с. го проповедал единството Божјо. Тој поучувал дека сите Божји религии ја проповедаат истата порака за единството Божјо и дека за да постигне мир, човекот мора да ги исполни своите должности кон Создателот, како и кон Неговите созданија. Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја) ги поддржувал сиромашните, ги ослободил слугите, ги штител слабите од експлоатација и угнетените од неправда и воспоставил еднакви права за жените. Тој им заповедал на своите следбеници да бидат трпеливи при тешкотиите и да се молат на Аллах и да се потпираат само на Него. Неговата мисија била да го спречи злото и неправдата и да шири добрина и сочувство во светот. Ова е причината зошто Кура’нот го опишува како „Милост за целото човештво“.
Изреки на Пратеникот Мухаммад
(Аллах нека го благослови со мир и милост Божја)
Еднаквост
„Сите сте еднакви, без разлика на државата, нацијата или племето на кое му припаѓате или чинот во кој уживате. Никој нема право да бара супериорност над некој друг. Ниту еден Арап не ужива супериорност над не арап, ниту пак овој ужива супериорност над Арап. Белата раса на никој начин не може да биде подобра од обоената раса, ниту обратно, освен во степенот на исполнување на своите должности кон Бога и Неговите созданија. Навистина, најчесните меѓу вас се оние кои се најсрамежливи и најпобожни“.
(од Прошталниот говор на Пратеникот Мухаммад, Аллах нека го благослови со мир и милост Божја).
Милосрдие
„Секој ден кога изгрева сонцето, секој од човечките екстремитети е должен да биде милосрден. Помирувањето на спротивставените страни е милосрдие. Да се помогне некому да се качи на коњ или да го натовари е милосрдие. Добриот збор е милосрдие. Секој чекор преземен кон џамијата за прошка е милосрдие. Отстранувањето на нешто што предизвикува непријатност на патот е милосрдие“. (Бухари и Муслим)
Потрага по знаење
„Должност на секој муслиман и муслиманка е да бара знаење“. (Ибн Маџа)
Грижа за ближниот
„Кој верува во Бога и во Судниот ден, не треба да го мачи својот ближен. Не е еден од нас, оној што спие сит додека неговиот сосед е гладен“. (Бухари)
Лојалност
„Лојалноста кон татковината е дел од верата. (Сахави)
Учтивост кон другите
„Никој од вас не е вистински верник додека не го сака за другите она што го сака за себе“. (Бухари)
Искреност
„Почитувајте ги своите деца и негувајте ги со најдобрите доблести. (Ибн Маџа)
Благодарност
„Човек кој не е благодарен на другите, не може да биде благодарен ниту на Бога“. (Тирмизи)
Простување
„Бог дава почит и го возвишува статусот на оној кој му ја простува вината на злосторникот и не се однесува дрско со него. (Муснад Ахмад)