Услови за прифаќање на молитвата
Молитвата е еден вид врска помеѓу слугата и Бога. Слугата, сметајќи се себеси за беспомошен и слаб, ги упатува своите барања до Семоќниот Бог. Тој ги кажува сите загрижености, грижи и проблеми и се надева на Неговата добрина. Преку понизноста, љубовта и искреноста, тој го повикува Бога за милост и верува дека Неговата семоќ ќе ги исполни неговите молби. Но, молитвата не е само средство за спасение од неговите грижи, туку е и начин да се пријде на Бога и да се добие Неговото одобрување. Прифаќањето на молитвата е тесно поврзано со филозофијата на молитвата. Ветениот Месија (нека биде благословен со мирот Божји) напишал:
„Искрениот слуга и постоењето на привлечна врска меѓу него и неговиот Господар ја сочинуваат реалноста на молитвата. Прво, милоста на Возвишениот Бог го привлекува слугата кон Себе, а потоа, привлекувањата предизвикани од искреноста на слугата, го тераат Бога да му се приближи. Оваа врска меѓу нив, во времето кога се прави молитвата, достигнува толку висока поврзаност што предизвикува чудни резултати. … Тогаш Бог го презема исполнувањето на неговото барање и со дејството на неговата молитва ги покренува сите потребни средства, со кои, конечно, се остварува исполнувањето на барањето на молителот“.1
Сепак, не смееме да заборавиме дека ние сме слуги, а Господ е наш Господар, и негово право е да го прифати или отфрли нашето барање. Слугата не смее да ја надмине целта што ја одредува неговата компетентност и способност. Затоа, на прво место, молителот мора да биде свесен дека Бог не може да биде принуден да го прифати секое барање, било мало или големо, бидејќи такво нешто е во спротивност со Неговото битие. Аллах е Создател, Одржувач и Суверен, од почетокот до вечноста, додека човекот е минливо суштество, слуга и поданик.
За молитвата да го достигне прагот на прифаќање, слугата мора да одговори на некои важни принципи, кои потекнуваат од Кур’анот, пророчките проповеди и заповедите на Ветениот Месија (нека биде благословен со мирот Божји).
- Слугата мора да ја бара согласноста на Бога
Аллах рекол: „Кога моите слуги ќе прашаат за Мене, јас сум близу. Јас одговарам на молитвата на молителот кога тој Ме моли. Затоа, и тие нека одговорат на Мојот повик и нека Ми се доверат, за да бидат упатени“. 2
Првиот услов за прифаќање на молитвата е блискоста со Бога. Како може да се создаде оваа блискост? Бог одговара велејќи дека тие „и тие нека одговорат на мојот повик“. Нивните молитви ќе бидат прифатени, доколку ги следат Божјите заповеди и ги потчинат своите постапки на Божјиот закон. Зошто? Затоа што Бог го наградува слугата, кога тој Му угодува. Така, првиот услов за прифаќање на молитвата е ниту една постапка на верникот да не биде спротивна на Божјата согласност.
- Непоколеблива вера
Гореспоменатиот стих (ајет) го содржи и вториот услов за прифаќање на молитвата. За молитвите да бидат прифатени, молителите мора да имаат непоколеблива вера во постоењето на Бога. Затоа, не е доволно целосно да се спроведат Божјите заповеди, туку и да се верува дека Бог ги прифаќа молитвите. Некогаш човек се моли со многу копнеж, но истовремено искажува сомнеж во прифаќањето на молитвата, понекогаш размислувајќи за неможноста да ја реализира својата работа, понекогаш станува песимист поради својот нечист живот. Како може да се прифатат молитвите на слугата, кога тој самиот не верува во нивното прифаќање? Аллах вели: „Не губете надеж во Аллаховата милост“.3
Како може да ја изгуби надежта оној кој бил сведок на безброј знаци на Аллаховата милост? Дури и ако слугата е опкружен со големи неволји, тој е сигурен дека само со заповед Бог може сè да промени, па затоа никогаш не престанува да се моли.
- Напори за да нема страдање на други луѓе
Ако некој се однесува добро со нашите блиски во овој живот, ние природно чувствуваме сочувство кон него. Слугата исто така може да го користи овој принцип во молитвата, хранејќи ја душата со чувства на сочувство кон другите луѓе. Зрачејќи со љубезност и хуманост, тој не само што ја освојува љубовта и почитта на страдалниците, туку и милоста на големиот Семоќен. Слугата може да биде искрен и добронамерен, но да не успее да ја реши тешкотијата на другиот слуга, но Бог Семоќниот е Создателот на вселената, и ако сака, може да ги отстрани сите пречки кон Неговата цел.
- Упатување на молитви кон Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја)
Пред да го направи своето барање, слугата треба да му упати молитва на Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја), зашто тој е гордоста на човештвото и најдобриот од нив. Тој е на толку високо ниво што се разликува од сите други, вклучувајќи ги и оние кои биле пред него или кои дошле или ќе дојдат до крајот на времето. Ова е причината што името на овој Пратеник с.а.в.с. е вклучено и во изјавата за единството (тавхид). Молителот што ќе испрати поздрав до Пратеникот Мухаммад (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја), а потоа ќе го упати своето барање, неговите молитви се прифатени повеќе од другите.
- Величајте го Бога
Овој услов генерално е конзистентен и со човековата природа, и може да се разбере со едноставен пример. Од една страна, просјакот се претставува како страдален бедник, а од друга страна ги фали луѓето кои ги моли, давајќи им многу пофалби. Тој верува дека така кај нив буди сожалување и сочувство, и успева да добие нешто од нив. Но Бог, на кого што му припаѓаат сите убави особини и атрибути и кој е чист од секоја мана, повеќе од кој било друг заслужува наша чест и пофалба. Секоја пофалба што му ја даваме на Бога е вистинита, затоа пред да се молиме што било, мораме да го величаме нашиот сакан Бог. Бог веќе нè научи на овој метод во првите ајети (стихови) на Сура Ал-Фатиха.
Кога човекот ќе ја покаже својата бедна состојба и ќе ја признае својата беспомошност, додека го слави Бога признавајќи ја Неговата семоќ, тој предизвикува милост и љубов.
- Чистота на телото и облеката
Кога човекот се моли на Бога, тој создава близок однос со Него. Неговата душа е привлечена кон Бога и понизно се топи на Неговиот праг. Бидејќи добрината на душата е тесно поврзано со чистотата на телото, како што злобата на душата е поврзана со нечистотијата на телото, затоа нечистотијата на телото негативно влијае на човечката душа и обратно. Исламот обратил толку многу внимание на овој аспект што го условува секое обожавање со чистота. Молитвата создава блискост меѓу Бога и слугата, затоа слугата мора да ги отстрани пречките што му отежнуваат да биде блиску до Бога, вклучувајќи ја и телесната хигиена.
- Избор на место и време
Друг услов за прифаќање на молитвата е изборот на посебно место и мирно време. Во текот на денот, молителот нека избере место каде што никој не го вознемирува или нека се моли ноќе, кога другите спијат. На тој начин неговите мисли не се вознемирени од бучавата што доаѓа, а тој останува фокусиран и јасен во молитвата. Кога некој ќе најде посебно место и мирно време, вниманието и чувствата пловат само во еден правец, спојувајќи се во душевна молитва.
- Осврнување на внатрешните слабости
Кога човек се моли за некоја работа, треба да размислува и за својата внатрешна состојба. Ова осврнување мора да биде толку длабоко што тој ќе се чувствува згрозен од слабостите на неговата душа. На некој начин, неговата внатрешност нека ја потврди неговата немоќ и злоба, и дека не може да направи ништо освен со Божја помош. Во оваа состојба, Бог се грижи за својот слуга, исто како и родителите кои покажуваат посебна грижа за своето бебе. Понизноста и едноставноста се важен услов за прифаќање на молитвата.
- Благодарност кон Аллаховите благослови
Кога човек е во молитва, тој треба да се присети на сите благослови и благодати на Аллах. Присетувајќи се на безбројните дарови, секоја честичка од неговото тело треба да биде исполнета со љубов и лојалност кон Бога. Неговата надеж ќе се разгори со толку моќна вера и ревност што секоја молитва што ја прави во тој момент ќе достигне степен на прифаќање. Неговата душа ќе посведочи дека Бог, кој му дал толку благослови што не ги побарал, не може да одбие нешто за што се моли?!?!
- Заплашување со гневот Божји
Исто како што се присетуваме на Божјите благодати, мора да се присетиме и на Неговиот гнев. Слугата нека размисли каква би била неговата состојба, кога Бог би ги одрекол тие благодати? Нека размислува и за состојбата на другите луѓе, кои порано ги уживале Божјите благодати, а сега се лишени од нив. Нека размислува за уништените народи или уништените земји и потоа нека се вклучи во молитва. Оваа молитва, која се наоѓа помеѓу стравот и надежта, го става слугата помеѓу двата ѕида што го делат од светот и го води кон Бога.
- Виталност во себеси
Човек треба да биде витален кога се обраќа кон Бога во молитва. Кога ќе западне во мрзливост, душата чувствува и несмасност и недостаток на волја. Затоа, сите движења при молитва, стоење, поклонување, поклонување до земја и сл. треба да покажуваат виталност и умешност. Ваквата состојба му ја оживува надежта на молителот и тој на најдобар можен начин го изнесува своето барање.
- Постепеност (градација) во молитвата
Друг услов за прифаќање на молитвата е пред да се моли за главната работа, да се моли за други работи. Бог го ставил овој принцип и во човечкиот живот. Секое негово дело има бавен почеток, што постепено се развива со забрзано темпо. Понекогаш човек се моли за некоја работа, но по некое време, кога не гледа резултати, престанува да се моли. Тој сака молитвата да биде прифатена додека да трепне со окото, додека таа бара импулс и сила што ја подигнува. Затоа, препорачливо е пред да се молиме за главното прашање, да се молиме за други прашања. Кога ќе го достигнеме највисокиот степен на духовност и ќе почувствуваме моќен импулс во себе, тоа е моментот да му го претставиме на Бога нашето посебно барање.
- Најпрво треба да се кажат оние молитви коишто дефинитивно ќе бидат прифатени
Молителот мора прво да ги претстави барањата коишто Аллах дефинитивно ќе ги прифати. На пример, нека се моли за победа на исламот, за манифестација на неговото Височество, за издигнување на положбата и честа на пратениците, а потоа нека го изнесе својот проблем. На тој начин човекот не само што чувствува возбуда и виталност, туку и му угодува на Бога, затоа молитвата што се прави во тој момент го достигнува степенот на прифаќање.
- Местото каде што се врши молитвата влијае на нејзиното прифаќање
Аллаховиот Пратеник (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја), рекол дека молитвата што се врши во Мека, Медина или во џамијата Ал-Акса има поголема вредност отколку на други места. Овие средини имаат влијание и врз оние што се молат таму. Со текот на времето, луѓето се лишени од благослови поради нивното отстапување и ги губат своите благослови, но неживите нешта кои Аллах ги благословил остануваат благословени засекогаш. Затоа, Аллаховиот Пратеник (Аллах нека го благослови со мир и милост Божја), повеќе сакал да има место во неговата куќа, кое ќе служи само за богослужба, а не и за нешто друго.
Во ова време, кога предизвиците и тешкотиите се значително зголемени, како за верникот, така и за муслиманите, нема посигурен пат до успехот од тоа да се молиме на Бога и да бараме од Него помош и водство. Нека Аллах ни овозможи да се придржуваме до овие услови и нека ги прифати нашите молитви за себеси, нашето семејство, нашата религија и нашата нација! Амин!
- Баракат-уд-Дуа, Рухани Казаин, кн. 6, стр. 9-10
- Кур’ан 2:187
- Кур’ан 12:87