- Početna /
- Biblioteka /

Резиме на книгата
Исус во Индија е англиската верзија на монографијата Масих Хиндустан Меин, што на урду јазик ја напишал Чесниот Oсновач на светски раширениот Ахмадија муслимански Џемаат, хазрети Мирза Гулам Ахмад (1835- 1908), Ветениот Месија и Мехди. Главните тези изнесени во оваа расправа се избавувањето на Иса а.с. од крстот и неговото патување после тоа, во Индија, во потрага по изгубените племиња на Израел, кои требало да ги собере кај себе, како што всушност било и самото претскажување на Иса а.с. (Исус).
Почнувајќи го своето патување од Ерусалим и минувајќи низ Насибус и Иран, Иса а.с. (Исус) бил виден како пристигнал во Авганистан, каде што ги сретнал Евреите кои таму се населиле после ослободувањето од ропството под Навуходоносор. Од Авганистан Иса а.с. (Исус) отишол во Кашмир каде што, исто така, биле населени израелски племиња. Тој го избрал за свој дом токму тоа место каде што и умрел и таму лежи закопан во Сринагар, Кашмир.
Во оваа книга хазрети Ахмад решил уште еден голем проблем кој со години ги збунувал западните истражувачи, а тоа е проблемот на сличноста помеѓу христијанските и будистичките
учења и исто така помеѓу животите на Иса а.с. (Исус) и Буда, како што е забележено во нивните сопствени книги. Некои од западните истражувачи стојат зад тоа дека будистичките учења за моралот, на некој начин, стигнале до Палестина и дека Иса а.с. (Исус) ги вклучил во своите говори. Меѓутоа нема никакви историски докази кои можат да го поткрепат ова тврдење. Еден руски патописец, по име Николај Нотович, долго време престојувал кај Лама на Тибет и дал за него да се преведат нивните пишани верски записи. Тој вели дека Иса а.с. (Исус) мора да бил на Тибет пред распетието и дека се вратил во Палестина откако ги прифатил будистичките учења.
Отфрлајќи ги и двете овие тврдења, хазрети Ахмад докажува дека Иса а.с. (Исус) морал да дојде во Индија единствено после распетието, а не пред тоа, и дека не бил тој кој ги прифатил будистичките учења, туку будистите биле тие кои, изгледа, го ставиле Евангелието во своите книги. Иса а.с. (Исус) исто така го посетил Тибет за време на своите патувања по Индија додека ги барал изгубените племиња на Израел. Тој го проповедал своето учење на будистичките монаси, од кои некои по потекло биле Евреи. Многу од нив биле воодушевени од учењето на Исус и го прифатиле како
манифестација на Буда, Ветениот Учител. Со верба во него како во свој учител, тие неговите учења ги вклучиле во учењата на Буда.
Книгата Масих Хиндустан Меин била – и останува – епохална книга и книга пресвртница. Таа го има свртено целиот теолошки пејзаж на еврејската вера, христијанството на Павле и на исламот утврден со традицијата. Катализаторот кој таа го има претставено е тоа дека Иса а.с. (Исус) – вистински Божји пратеник, каков што тој всушност бил – бил спасен од смртта на крстот, и дека живеел долго и дека лежи закопан во Сринагар во Кашмир.
Како што е наведено на почетокот и на крајот на оваа книга, таа требало да биде поделена во два дела: првиот дел да опфаќа не помалку од десет поглавја, плус епилог, а вториот дел да содржи додатни докази за патот на Иса а.с. (Исус) во Индија и споредбено вреднување на учењата на исламот и христијанството, потврдувајќи ја вистинитоста на исламот, како и сопственото тврдење на хазрети Ахмад дека е Ветениот Месија. Изгледа дека тој не можел да најде доволно време за истражување на овој предмет, но својата решеност ја надоместил со тоа што за исламот отворил пат на духовна преродба кој водел кон неговата првобитна чистина, основајќи го
светски раширениот Ахмадија муслимански џемаат и пишувајќи не една, туку повеќе од осумдесет книги кои се однесуваат на вистинитоста на исламот, на неговите сопствени тврдења како Ветениот Месија и Мехди и за вистината за животот и смртта на Иса а.с. (Исус).
Книгата била напишана во 1899 година и делумно објавена во продолжетоци во весникот
‟Review of Religion„ (Преглед на религиите) во 1902 и 1903 година. Книгата целосно била објавена после смртта на писателот, на 20. ноември 1908. Првиот англиски превод од рахметли Кази Абдул-Хамид бил објавен во 1944. Според уптствата на рахметли хазрети Мирза Тахир Ахмад, Халифа-тул Месих IV, кој беше поглавар на светски раширениот Ахмадија муслимански џемаат, ова издание беше темелно прегледано и поправено од професорот Мухаммед Али Чаудри, Вакилут- Тасниф, Рабва.
Како докази кои ги поткрепуваат тезите изнесени во оваа книга, на крајот како додаток, наведени се релевантни исечоци од различни автори и истражувачи. Овие исечоци не се дел од оригиналниот текст, кој во текот на преводот остана неповреден, и дури и печатарските грешки, ако ги имаше, не беа поправани.
Поправената верзија, меѓутоа, беше дадена во забелешките дури откако беше одобрено од нашиот почитуван имам Халифа-тул Месих IV. Белешките на авторот се направени со ѕвездички со напомена ‟автор„, додека оние на преведувачот се означени со ‟преведувач„.
Затоа што различни изданија на Библијата се разликуваат во сериските броеви на изреките, треба да се има предвид да се придржувате до броевите наведени од авторот.
Извадоците од Библијата се земени од ополномоштеното издание на King Jam‟s Version (верзијата на Кралот Џејмс), објавена од Зондерван Корпорација, Гранд Рапидс, Мичиген 49530, САД (Zondervan Corporation, Grand Rapids, Michigan 49530, USA).